Производителите на пролетна зелка од Струмичко се надеваат дека годинава пласманот ќе биде подобар од лани и дека нема да има проблеми со откупот.
Оптимизмот, како што велат, го темелат на почетните откупни цени кои достигнуваат 35 денари за килограм.
– За нас откупната цена на почетокот на бербата на пролетната зелка е сосема задоволувачка. Ако до крајот на производствениот турнус падне под 20 денари, тогаш ќе можеме да кажеме дека имавме добар пласман – вели Ванчо Митев од село Добрејци, член на здружението „Еко градинар“.
И претседателот на Сојузот на синдикати на земјоделци Ристо Велков потврдува дека на почетокот на откупот градинарите треба да бидат задоволни.
– Добро е што засега пролетната зелка не се откупува под 30 денари за килограм. Важно е и земјоделците и откупувачите да инсистираат на продажба и откуп на квалитетно производство – изјави Велков.
Трговците велат дека просечната откупна цена на пролетната зелка ќе зависи од понудата и побарувачката и во соседните земји, но пред се од понудата на нашите градинари.
– Сметам дека на почеток откупната цена од 30-35 денари за килограм е реална. Очекуваме квалитетно производство и се надевам дека за струмичката пролетна зелка ќе има интерес кај купувачите – вели откупувачот Благој Витанов.
Во Струмичкиот регион се засадени околу 1.000 хектари под оваа култура и се очекува принос од над 40 илјади тони.