Неименуван претставник на британското Министерство за надворешни работи изјави дека Лондон не постигнал никаков договор за постепено враќање на персоналот во дипломатските мисии во Велика Британија и во Русија од јануари 2019 година.
– Имавме континуиран дијалог со Русија за дипломатски визи пред настаните во Солсбери. Ние редовно разменуваме визи за дипломатскиот персонал и нема да коментираме за поединечни случаи. Не се договорени нови аранжмани – истакна претставникот на Форин офисот.
Тој додаде дека нема никакви промени во ставот на официјален Лондон за „руското дипломатско присуство во Велика Британија, вклучително и мерките преземени по Солсбери“.
Неговата изјава уследи откако рускиот амбасадор во Велика Британија, Александар Јаковенко денеска изјави дека Москва и Лондон постигнаа договор за постепено враќање на персоналот во дипломатските мисии.
– Во принцип постигнавме договор за враќање на дипломатскиот персонал во Москва и во Лондон во текот на јануари. Не сум сигурен дали тоа ќе се однесува на сите членови на персоналот, но барем половина од нив ќе се вратат – изјави Јаковенко за руската телевизија Русија 24.
Тој додаде дека договорот е позитивен чекор во билатералните односи помеѓу двете земји.
По труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија на 4 март годинава, Велика Британија протера 23 руски дипломати, а Москва како реципрочна мерка протера исто толку британски дипломати од Русија и нареди затворање на британскиот Генерален конзулат во Санкт Петербург и затворање на Британскиот совет во Русија.