Косовската Влада денска донесе одлука со која со воведува такса од 100 отсто на увозот на стоки од странски компании кои имаат свои производни погони во Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Минатиот месец, Владата на Рамуш Харадинај, воведе такса од 100 отсто на производи од Србија, но таа мерка не важеше за странските брендови кои се увезуваат од тие земји.
Со новата мерка сите стоки кои ќе се увезуваат од Србија ќе треба да платат такса во висина од 100 отсто од нивната вредност. Како што беше претходно објавено, во овој случај станува збор за девет странски компании, меѓу кои и „Кока-кола“.
Денешната одлука на Владата во Приштина е донесена на предлог на Министерството за трговија и индустрија (МТИ) на Косово, а министерот Ендрит Шаља рече дека на Владата ѝ е сугерирано од страна на „пријатели партнери“ дека сите компании од Србија треба да имаат еднаков третман.
– МТИ сака да биде рамноправна за сите компании и затоа бара укинување на листата на компании кои не подлегнуваат на таксата, а одлуката ќе стапи на сила на 1 јануари 2019 година – изјави Шаља.
Премиерот Харадинај истакна дека ова, како и поранешната одлука за зголемувањето на таксата за увозот од Србија и Босна и Херцеговина, е одговор на агресивната и непријателска политика на Белград кон Косово. Како последен доказ за таквото однесување, тој ги посочи писмата што неговата српска колешка Ана Брнабиќ ги испраќа низ земјите во светот, меѓу кои и до Албанија, за повлекување на признавањето на независноста на Косово.
Харадинај посочи дека таквото однесување на Белград за Косово е неприфатливо и дека таксата ќе остане на сила се до признавањето на Република Косово од страна на Србија.