По повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации во издание на Институтот за јавни политики излезе од печат книгата „Macedonia at the annual General Debate of the United Nations General Assembly (1993-2018)” од авторот Неџад Мехмедовиќ.
Книгата претставува зборник на вкупно 26 официјални документи на англиски јазик од обраќањата на македонските претставници на годишните генерали дебати на Генералното собрание на ОН. Опфатени се обраќањата на четири претседатели на државата, двајца премиери и пет министри за надворешни работи на Република Македонија во периодот од 1993 до 2018 година.
М-р Неџад Мехмедовиќ (Скопје, 1985) е политиколог и историчар вработен како асистент-истражувач во Институтот за национална историја во Скопје. Негово поле на научен интерес се јавните политики, меѓународните односи, миграциските движења, човековите права, историјата и османистиката. Автор е на вкупно четири книги и на над дваесет статии од различни научни области од општествените науки на македонски, англиски, босански и на бугарски јазик.