Додека здодевната, зачестена кашлица е знак на кој повеќето луѓе ќе изреагираат, симптомите на ракот на белите дробови често можат да бидат посуптилни отколку што сте мислеле.
Општо е познат податокот дека во Европа пушењето предизвикува 85 отсто од случаите на карцином на белите дробови,. Тоа е најчест облик на рак кај мажите, а втор по ред кај жените.
Вестите не се добри ниту за непушачкиот дел на популацијата, бидејќи истражувањата покажале дека болеста се јавува кај приближно 30 отсто непушачи и млади луѓе кои водат здрав живот.
Процентот на заболените непушачи е во постојан пораст, а таквите податоци се препишуваат на сè поголемото загадување на животната средина, употребата на бои и лакови во индустријата, азбестот во градежништвото, пасивното пушење, но и на разните генетски фактори.
Сите овие се повеќе од доволни причини за секој од нас да научи да ги препознае симптомите кои можат да упатуваат на малигни промени во белите дробови дури и ако не сме пушачи. За сомнителните симптоми разговарајте со својот лекар, особено ако се долготрајни и ако не можете да ги ублажите со вообичаените методи.
1. Долготрајна кашлица – Кашлицата која со текот на времето станува сè полоша и поинтензивна е јасен знак за алармирање. Густата слуз со боја на рѓа може да биде ран знак за болеста, а сувата кашлица која трае повеќе од еден месец, исто така, треба да се провери.
2. Хронични инфекции – Поголемиот дел од времето, вирусите или бактериите се виновни за белодробната инфекција како бронхитис и воспаление на белите дробови. Меѓутоа, ако повеќепати се разболите и ви изгледа дека секоја болест оди директно во вашиот граден кош, тоа би можело да биде знак за рак на белите дробови. Овие инфекции може да бидат предизвикани од самиот тумор или поради ослабениот имунолошки систем, покажуваат истражувањата.
3. Болки во градниот кош – Хроничната болка во градниот кош е еден од најочигледните знаци на ракот на белите дробови, особено ако стане поинтензивна при длабоко дишење, кашлање или смеење. Обрнете внимание ако болката се шири кон грбот и рамениците. Без оглед на тоа дали болката е тапа или остра, разговарајте со својот лекар ако потрае подолго време.
4. Ненадејно и необјасниво губење на килограмите – Како и кај секој вид на карцином, напредниот тумор може да создаде протеини кои во вашето тело предизвикуваат губење на тежината. Поради тоа би можеле да забележите и опаѓање на апетитот.
5. Болка во коските – Ако ракот на белите дробови се проширил на другите органи во вашето тело, може да чувствувате болка длабоко во коските или зглобовите. Често болката се сели во подрачјето на грбот и колковите.
6. Сеопшт замор – Од вообичаениот замор се разликува по тоа што ќе се чувствувате толку исцрпено така што едвај ќе чекате да легнете во креветот, а дури и по долготрајниот сон нема да се чувствувате подобро. Сличен замор се јавува и кај депресијата и кај некои други состојби, затоа посоветувајте се со лекарот за да се уверите дека точно сте го откриле изворот на својот замор.
7. Слабост во мускулите – Ракот на белите дробови влијае на вашите мускули како и на другите органи во телото. Едно од првите подрачја кои ги напаѓаат се колковите до таа мерка така што можеби ќе ви биде тешко да станете од столот. Карактеристична е и слабоста во рамениците, рацете и нозете. Клетките на ракот на белите дробови можат да произведат одредени хормони или да предизвикаат вашиот имунолошки систем да ги нападне деловите на вашиот нервен систем кој директно влијае на вашите мускули, што доведува до слабост.
8. Отоци на вратот и лицето – Ако туморот на белите дробови почне да ја притиска вашата горна шуплива вена (големата вена која ја носи крвта од главата и рацете до срцето), можете да забележите отекување на вратот и лицето. Рацете и горниот дел на градниот кош, исто така, може да бидат погодени.
9. Високо ниво на калциум во крвта – Некои облици на карцином на белите дробови создаваат супстанции слични на хормоните кои ја нарушуваат рамнотежата на минералите во вашето тело поради што во некои случаи вишок калциум се ослободува во крвотокот. Иако можеби за тоа не сте свесни сè додека лекарот не ви наложи лабораториски тест, би требало да внимавате на овие симптоми: зачестено уринирање, претерана жед, запек, мачнина, болка во стомакот и вртоглавица.