Меѓународниот ден на жената – 8 Март во Словенија ќе биде државен празник доколку за тоа се усвои иницијативата на Социјалдемократите (СД), една од партиите во коалициската Влада на премиерот Марјан Шарац.
Иницијативата за тоа е на женскиот форум на партијата, чија претседателка Нева Грашиќ рече дека сакаат повторно да ја реафирмираат постојаната борба за рамноправност на жените во општеството.
– Кога ја спомнуваме борбата за рамноправност, тогаш зборуваме за достојна егзистенција, економска стабилност и застапеност на водечки позиции и во политикат – рече Грашиќ и додаде дека Денот на жената треба да се одбележи не само симболично, со црвени каранфили, туку и со борба за подобро партнерство во општеството, меѓугенерациска солидарност и повисоки плати за жените.
Во Словенија засега со закон се дефинирани 12 државни празници, но од нив пет се неработни, па се нарекуваат и спомен-денови со церемонијални државни прослави.