Осум дена доцни асфалтирањето на улицата Бихаќка. Иако пред четири дена Градот Скопје најави дека на 29 септември ќе има завршно асфалтирање на улицата Бихаќка и сообраќајот ќе биде затворен во двете насоки од улицата Востаничка до влезната капија на МВР – тоа не се случи.
Градот најави дека асфалтирањето ќе трае 24 часа, но за жал тоа сѐ уште не е почнато. За вечерва, пак, градоначалникот Петре Шилегов има закажано трибина „Чекор по чекор за Скопје, две години со Петре Шилегов“ на која ќе даде отчет за сработенето по две години од мандатот. Што ли ќе каже за ова доцнење?
Како почна сѐ? На 23. септември Градот соопшти дека започнал со реконструкција на коловозот и на дел од тротоарите на улицата Павел Шатев (поранешна Бихаќка) и на улицата Црниче, меѓу општините Центар и Кисела Вода и дека рокот за изведба е 30 дена, односно дека треба да заврши на 23 октомври. Но, денес е 31 октомври а гредежните работи сѐ уште не се почнати.
Граѓаните се прашуваат зошто ги раскопаа улиците Бихаќка и Огњан Прица кога 38 дена ги оставија неасфалтирани.
Градежниците го изгребаа горниот слој од асфалтот на крстосницата на која се спојуваат улиците Павел Шатев (поранешна Бихаќка) и Огњан Прица и го оставија така. Оставија и неколку купчиња со остатоци од изгребаниот асфалт – чисто да има од каде да се разнесува прашина.
Како што поминуваат возилата зад нив се креваат облаци од прашина. Пешаците додека чекаат на семафорите дишат воздух полн со прашина. Граѓаните од околните згради не можат ни прозорец да отворат.
Прашањето до Град Скопје е зошто ги изгребаа улиците и ги оставија неасфалтирани? Не можеше ли да се изгребат и веднаш да се асфалтираат? Што се чека и уште колку долго ќе се чека додека се стави новиот асфалт? Нели се фалеа дека работат и ноќе?
Ваквиот начин на работа е бесмислен и никако не соодветствува со мерките против загадувањето на воздухот. Нема оправдана причина поради која граѓаните со денови се оставени да дишат воздух полн со прашина. Ако Градот не бил спремен да ја заврши работата одеднаш, подобро и да не почнувал.
Инаку, станува збор за обнова на коловоз во должина од 810 метри, на потегот од раскрсницата кај подвозникот, па сѐ до улицата Востаничка, за што се предвидени околу 9 милиони денари.