56 млади во социјален ризик отвориле свој бизнис

103

Преку проектот „Социјална инклузија и економско зајакнување на млади и на млади родители во социјален ризик преку мерки за генерирање приходи“ досега се поддржани 335 млади лица, од кои 130 се вработени, а 56 имаат создадено нивен сопствен бизнис, беше посочено на денешната завршна конференција на која беа презентирани резултатите од неговото спроведување.

Проектот го спроведуваа СОС Детско село, Општина Гази Баба, во соработка со Агенцијата за вработување, со поддршка од Германското министерство за економска соработка и за развој и на Фондацијата „Херман Гмајнер“.

Јулијана Накова Гапо, национална директорка на СОС Детско село, наведе дека проектот е позитивен пример како со еден сеопфатен пристап, со добра соработка на сите релевантни чинители може да се постигне успех и да им се помогне на младите луѓе, особено на маргинизирани лица, лица кои се во социјален ризик, да добијат еднакви можности на пазарот на труд.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, посочи дека во 2018 година младите активно учествувале во реализација на мерките и политиките за вработување на Агенцијата за вработување.

– Оваа година имаме рекорден буџет од 1,1 милијарда денари и опфатот на корисници е зголемен за 2.000 лица повеќе, односно околу 8.500 лица ќе бидат вклучени во активните мерки и политики за вработување, поддржани со буџетски средства – нагласи Јовановска.

Градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, наведе дека целта на проектот е да им се помогне на младите да ги реализираат нивните бизнис-проекти, а со тоа да се намали невработеноста.

– Доделуваме субвенции од над 1.000 евра, со кои ќе можат младите да ги реализираат нивните бизниси токму во нашата земја. Целта е да им излеземе во пресрет за нивните креативни идеи, да останат во земјата – потенцираше Георгиевски.

Под мотото „Секој има право на подобар живот“, веќе три години се спроведува проектот чија цел е подобрување на социо-економската состојба на младите во социјален ризик преку нивна интеграција на пазарот на труд.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...