Бројот на заразени со новиот коронавирус во САД надмина 500, соопштија државните и локалните здравствени служби.
Според Владата и Американскиот центар за контрола и превенција на болести, во САД се потврдени 512 случаи на новиот коронавирус.
Од нив, 49 болни дошле од Вухан и од крузерот „Дајмонд принцес“, додека 21 биле од бродот „Гранд принцес“.
Случаи на коронавирусот се откриени во 33 држави во САД и дистриктот Колумбија.
Албанија денеска ги потврди првите два случаи на инфекција со новиот коронавирус, а се работи за татко и син кои се вратиле од Италија.
И двајцата се стабилни и немаат никакви компликации, објави албанскиот министер за здравство.
Пред да ги потврдат првите два случаи на инфекција, здравствените работници во таа земја тестирале околу 60 примероци, меѓу кои немало знаци на инфекција. Повеќе од 400.000 Албанци живеат во соседна Италија.
Претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуса, ги откажа сите јавни обврски во следните две недели и ќе остане дома поради епидемијата на новиот коронавирус, соопшти неговиот кабинет.
Канцеларијата истакна дека Де Соуса (71) нема симптоми на болеста и се одлучил на самоизолација за да даде пример за преземање превентивни мерки и ќе продолжи да работи од дома.
Де Соуса неодамна прими група ученици од училиште кое подоцна беше затворено, откако беше откриено дека еден ученик бил заразен со новиот коронавирус.
Тој нема симптоми на болеста, а заразениот ученик не бил во групата што ја посети претседателската палата.
Во Португалија досега се пријавени 30 случаи на заразени со новиот коронавирус.
Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH