33,4 милиони долари грантови за градинки и социјални услуги

Според  Тевдовски, во годинешниот буџет има определено значително повеќе средства за блок дотации за детски градинки или околу 1,6 милијарди денари.

339

Грантови за општините за изградба на нови градинки, за реновирање на постоечки и пренамена на постојни објекти во институции за деца на предучилишна возраст, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на отворењето на првата градинка во општина Чашка, каде присуствуваше и министерката за труд и социјала Мила Царовска. Станува збор за проект во износ од 33,4 милиони долари, кој Светска банка, за време на Пролетните средби во Вашингтон, изрази интерес да го финансира.

Освен за изградба и реконструкција на градинки парите од заемот од Светска банка би се користеле и за подобрување на квалитетот на услугите во предучилишните установи, унапредување на наставните програми и обуки на кадрите. Исто така, ќе се доделуваат грантови и за други социјални услуги на локално ниво.

– Во тек е Мисија на тимот на Светска Банка за проценка на проектот. Преговорите помеѓу Владата на Република Македонија и банката треба да почнат на почеток на јули. За крај на септември се планира проектот да биде одобрен од Бордот на директори на Светска Банка. Потпишувањето на договорот треба да се случи на крајот на годинава – изјави Тевдовски.

Како што истакна тој, затекнати се бројни проблеми во предучилишното образование. Бројот на градинки е недоволен, капацитетите се помали од потребата, исто како и бројот на вработени.

Според  Тевдовски, во годинешниот буџет има определено значително повеќе средства за блок дотации за детски градинки или околу 1,6 милијарди денари. Предвидени се и средства за 200 нови вработувања во градинките како и за зголемување на платите на вработените за пет отсто, почнувајќи од септември годинава.

Во буџетот за 2018 има 58 милиони денари за изградба и опремување на детски градинки и објекти за социјална заштита.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...