Судот во главниот град на Норвешка, му одреди 30-дневен притвор на 21-годишниот Филип Мансхаус, кој во саботата отвори оган во џамија на периферијата на Осло, јави телевизијата NRK.
Германска ДПА наведува дека следните две недели Мансхаус ќе биде во целосна изолација, а за цело време на притворот ќе има забрана за кореспонденција со надворешниот свет и за посети.
Момчето е обвинето за убиство на својата полусестра и терористички напад. Пред заседанието на судот обвинетиот изјави дека на новинарите им дозволува снимање.
Телевизиските кадри покажаа дека во судската сала Мансхаус се појави со модринки околу очите и рани по лицето и вратот.
Подоцна судот го затвори заседанието за јавноста.
Според неговата адвокатка, Уни Фрис, напаѓачот Мансхаус не ја признава својата вина и бара ослободување.