213 починати од коронавирусот, Италија ги прекина летовите кон Кина

154

Од последиците на коронавирусот во Кина починаа 213 лица, а 9.692 се заразени, соопшти Кинеската здравствена комисија. За 24 часа бројот на жртвите се зголеми за 43 лица.

Најголем број случаи има во провинцијата Хубеи и главниот град Вухан, жариштето на вирусот.

Премиерот на Италија Џузепе Конте синоќа објави дека се регистрирани првите два случаи на новиот коронавирус во земјата и оти Италија ги прекинува сите летови до и од Кина.

Конте рече дека Италија е првата европска земја што донесе одлука да ги прекине летовите „поради претпазливост“.

– Како и во другите земји, имаме два потврдени случаи на коронавирусот. Се работи за двајца кинески туристи кои пристигнале пред неколку дена – информира Конте на прес-конференција.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера прогласи вонредна состојба на глобално ниво, откако бројот на случаи на заболени со новиот коронавирус се зголеми за повеќе од десет пати во една недела.

СЗО соопшти дека глобалната итна ситуација претставува „вонреден случај“, што значи дека претставува ризик за другите земји и оти е неопходен координиран меѓународен одговор.

Одлуката исто така на земјите им наметнува построги критериуми во пријавување на случаи на заразата.

Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека ќе обезбеди чартер летови за враќање дома од странство на жителите од регионите погодени со коронавирусот.

Во кусото соопштение се изнесуваат малку детали, но се вели дека кинеските државјани со потекло од провинцијата Хубеи и нејзиниот главен град Вухан ќе бидат вратени директно во Вухан поради „практични проблеми“ со кои се соочуваат.

Повеќето случаи на коронавирусот регистрирани кај луѓе во странство се откриени кај оние кои патувале од Вухан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...