20 пациенти со ХМЛ го добија новиот лек „нилотиниб“

Терапијата за почеток е достапна за 20 болни и ќе обезбеди подобра контрола на болеста кај болните кои не реагираат оптимално на терапијата со „иматиниб“.

287

 

Дваесет пациенти со хронична миелоидна леукемија (ХМЛ) од Македонија, кои не реагираат оптимално на терапијата со „иматиниб“, добија можност да го примаат лекот „нилотиниб“, кој е нов специфичен и посупериорен лек.

Лекот е достапен во земјава од април годинава. Со овој препарат е обезбеден поефикасен третман за болните со ХМЛ, особено за оние кои немаат задоволителен тераписки одговор на прволиниската терапија со препаратот „иматиниб“. Парите за лекот се обезбедени од Министерството за здравство на Република Македонија во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД).

Хроничната миелоидна леукемија (ХМЛ) е малигно хематолошко заболување кај кое е постигнат огромен напредок во лекувањето во последните 20 години. Благодарение на откривањето на специфичната молекуларно таргетирана терапија и лекот „иматиниб“ значајно се продолжи преживувањето и квалитетот на живот на болните со ХМЛ во светот.

На Универзитетската Клиника за хематологија во моментот се лекуваат 120 пациенти со Хронична миелоидна леукемија (ХМЛ), а годишно се дијагностицираат во просек 14 нови пациенти. Од септември 2011 година, прволиниска терапија за сите пациенти со ова заболување во Македонија е лекот „иматиниб“.

Достапноста на второ-генерацискиот препарат „нилотиниб“, за пациентите со ХМЛ ќе обезбеди поефикасен третман за оние пациенти со ХМЛ кои немаат задоволителен тераписки одговор на препарат „иматиниб“. Терапијата за почеток е достапна за 20 болни и ќе обезбеди подобра контрола на болеста кај болните кои не реагираат оптимално на терапијата со „иматиниб“.

Со воведувањето на „нилотинибот“ во третманот на пациентите со ХМЛ македонската медицина фаќа чекор со светските најсовремени тераписки протоколи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...