Повеќе од 20 илјади белграѓани беа сведоци на фантастичниот концерт на Македонската филхармонија која под диригентство на Џијан Емин синоќа настапи со африканскиот маг на афробитот Феми Кути и неговиот бенд “Позитив форс”, соопшти Филхармонија.
– Под отворено небо, на прекрасната тврдина Калемегдан, се случи неповторлив музички настан, какви што беа коментарите на публиката, кој предизвикуваше френетични аплаузи.
Позитивната енергија, моќната изведба на Кути и на сите оние кои се најдоа на сцената, атрактивните танчарки, врвната продукција (аудио и видео) и извонредниот влог на маестро Џијан Емин да се претставиме во одлично светло и надвор од Македонија, силно се рефлектираше и од другата страна на сцената. Овој концерт беше помогнат од градот Белград кој се покажа како одличен домаќин, а организаторите ветија повторна соработка во скора иднина. Она што беше највпечатливо, и што ја збогати атмосферата на тврдината, беа соло настапите на дел од музичарите од оркестарот кои заедно со Кути предизвикуваа постојани овации.
Концертот заврши со бис и огномет и ова гостување на Македонската филхармонија во Белград долго ќе се памети, стои во соопштението.