Работниците кои земаат минимална плата во декември ќе го добијат новиот износ од 14.500 денари, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Собранието вчера ги изгласа Законите за минимална плата и за субвенционирање на придонесите за раст на плата.
– Законски утврдената минимална плата за декември ќе изнесува 14.500 денари и е зголемена за 2.000 денари, а споредено со 2017 за 5.500 денари – велат од Министерството за труд.
Моментално минималната плата во државата изнесува 12.507 денари.
– Со изедначување на минималната плата во 2017 година за работниците во текстилната и кожарската индустрија постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во текстилната индустрија за 24%, односно за 3.870 денари. Со зголемувањето на минималната плата, обезбедивме повисока плата за 90.000 граѓани – информираат од Труд и социјала.
Оттаму додаваат дека државата ќе ги субвенционира придонесите од 600 до 6.000 денари, за сите компании од приватниот сектор коишто ќе ги зголемат платите за оваа сума на работниците независно дали се минимални или повисоки. Субвенциите ќе може да се користат во следните три години.