194 милиони евра грант од ЕУ за интерконекторот за гас со Грција и за преминот Табановце

Одлуката за одобрување на новите средства е донесена синоќа на состанокот на Управниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан, чиј менаџер и еден од основачите е Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

284

Интерконекторот за гас со Грција и граничниот премин Табановце како дел од Коридорот 10 во државава се дел од проектите коишто ќе бидат поддржани со 194 милиони евра неповратни средства од ЕУ и билатералните донатори за Западен Балкан. Одлуката за одобрување на новите средства е донесена синоќа на состанокот на Управниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан, чиј менаџер и еден од основачите е Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Поддршката се однесува за проекти во областа на дигиталната инфраструктура, животната средина, транспортот и енергетиката.

Неповратните средства одобрени за проекти за земјите од Западен Балкан ќе привлечат уште 400 милиони евра инвестиции од ЕБРД, а освен двете делници на Коридорот 10, тука се вклучени и изградба на три нови делници од автопатот во БиХ, обнова на косовската железничка инфраструктура, системите за отпадни води и канализациска мрежа во Гњилане и изградба на широкопојасна интернет мрежа за училиштата во руралните средини во Србија.

Покрај оваа одлука, ЕБРД и ЕУ потпишаа и договор за дополнителни 45 милиони евра за две програми кои оваа меѓународна банка ги спроведува во земјите од регионов – Совети за мали претпријатија, како и Регионална програма за енергетска ефикасност за подобрување на енергетската ефикасност во станбениоот сектор и во јавните згради, а се спроведува со поддршка на Германската развојна банка.

Вкупниот износ на неповратни средства кои досега ги определиле ЕУ и билатералните донатори за Инвестициската рамка за Западен Балкан надминува милијарда евра, додека вкупните вложувања на меѓународните финансиски институции изнесуваат над 5,6 милијарди евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...