Околу 150 апликации пристигнале во Центарот за вработување Куманово за мерката самовработување. До крајот на септември ќе се знае точниот број на корисници на грантовите кои ги доделува државата за почнување сопствен бизнис, информираа надлежните од оваа институција.
– Годинава поразличен е концептот, апликантите се во различни фази кои треба да ги поминат за да добијат грант за самовработување, кој се дава во опрема или репроматеријали – изјави Младена Јаќимовска, соработник за поддршка за вработување.
Во кумановскиот Центар за вработување обуката ја посетувале шест групи на активни баратели на работа, заинтересирани за користење на оваа мерка.
– Значајно е што дури 50 проценти од поднесените апликации се од млади лица – изјави Јаќимовска.
Грантот кој се доделува во опрема или репроматеријали е во вредност од 307.500 денари. И оваа, како и претходните години, има разноликост во однос на поднесените апликации – дел се за производство, дел за трговија, опфатени се речиси сите индустрии.