Нов светски рекорд во Штип: Шопска салата тешка над 300 килограми

467

Постигнат е новиот светски рекорд во подготовка на шопска салата. Тешка е над 300 килограми, а ја правеа околу 30 студенти од Факултетот за туризам и бизнис логистика при универзитетот „Гоце Делчев”-Штип, средношколците од угостителската струка од СОУ „Коле Нехтенин” и вработените во ресторанот „Канал 77″-Штип.

Универзитетскиот професор Нако Ташков рече дека Штип надалеку е прочуен по пастрмајлијата, а сега и по новиот светски рекорд во подготовка на шопска салата.

– Имаме над 100 килограми домат, над 100 килограми краставички, 50 килограми сирење, пиперки, кромид, масло за јадење од нашиот „Бисер”, кој е спонзор, и од штипски „Брилијант” односно „Витаминка” – рече Ташков.

Студентката на туризам Ивана Ѓорѓиева рече дека жирито им дало инструкции – најпрво продуктите ги измиле, излупиле и ги исечкале, а професорите ги ределе во садот-казан за да ја собере целата салата.

За да биде се регуларно, подготовката на салатата ја контролираше тричлено жири, составено од врвни готвачи-професионалци и претставник од Агенцијата за промоција на туризмот. Нивна задача беше да ја проценат тежината, но и квалитетот.

– Јас сум и Гинисов рекордер во правење течен грав во штипското село Сарчиево. Овој регион е наклонет кон рекорди и чест ми е што сум и денес дел од овој настан и со овие млади луѓе, рече Љупчо Гиевски, претседател на жири-комисијата.

Членот на жирито Марк де Јонг ги повика присутните да пробаат од салатата.

– Сите се добредојдени да пробаат од салатата, а добра салата оди со добра ракија. Има околу 330-340 килограми шопска, па вие проценете колку ракија ќе треба – рече Де Јонг.

Шопската салата, која со над 300 килограми и е новиот светски рекорд, може да се проба во ресторанот „Канал 77 ” во Штип.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...