САД евакуираа повеќе од 300 американски државјани и нивни семејства од закотвениот брод во јапонското пристаниште Јокохама, едно од жариштата на опасниот коронавирус кој во изминатите неколку недели одзеде голем број животи.
Два авиона за евакуација денеска слетаа во воена база во Калифорнија и во воздушна база во Тексас.
Кај 14 лица од групата е откриено присуство на вирусот, па биле ставени во специјален карантин. Сите останати евакуирани ќе бидат во задолжителен 14-дневен карантин, објави Гласот на Америка.
Според јапонските власти, од 3.700 луѓе на бродот, 454 биле заразени од вирусот.
Австралиските власти денеска соопштија дека ќе ги евакуираат своите државјани од бродот, а истото го планираат и Канада, Италија, Јужна Кореја, Хонг Конг.
Инаку, речиси 1.800 лица починаа досега од коронавирусот, соопштија кинеските здравствени власти. Бројот на заболени, пак, надминал 70.000 лица. Околу 11.000 од заразените се опоравиле од вирусот.
Во провинцијата Хубеи, која е епицентар на вирусот, денеска се регистрирани 100 нови смртни случаи. Кинеските власти испратија уште здравствени работници за да помогнат во справувањето со болеста.