Сите ние како носители на политики во Централна и Источна Европа треба да се фокусираме на елиминирање на структурните пречки за зголемување на потенцијалниот економски раст на долг рок и да го забрзаме процесот на реална конвергенција, рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусија за монетарна политика на форумот „Еуромани“.
Во фокусот на панел-дискусијата беа изгледите за економскиот раст во регионот, импликациите од крајот на квантитативното олеснување во глобални рамки и дивергенцијата на каматните стапки во САД и Европа, протекционистичките трговски мерки и Брегзит.
Гувернерката на НБРМ најпрво се осврна на изгледите за економски раст во регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Притоа истакна дека стапката на раст кај најголем дел од економиите во регионот е близу до потенцијалната, што упатува на потребата од забрзување на структурните реформи со цел зголемување на нивниот потенцијал за раст.
– Спроведувањето на структурните реформи не само што ќе го зголеми потенцијалот за раст и не само што ќе ја намали ранливоста на економиите туку и ќе помогне за намалување на премиите за ризик, што ќе значи и поповолни услови за финансирање на економиите – рече Ангеловска-Бежоска.
На панел-дискусијата беа отворени и други прашања значајни како за економиите од регионот, така и за европската и светската економија, воопшто.
Гувернерката на НБРМ активно дискутираше и за актуелните случувања поврзани со можното излегување на Велика Британија од Европската Унија, како и за прашањето за независноста на централните банки, на кое му беше посветено особено внимание на овој форум.
Форумот на „Еуромани“, кој се одржа изминативе два дена во Виена, Австрија.