Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на Твитер соопшти дека ја примил оставката од неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон.
– Изутринава примив оставка од Џон Болтон, откако синоќа го информирав дека неговите услуги веќе не се потребни во Белата куќа. Како јас, така и останати во администрацијата, не се согласувавме со многу од неговите предлози, соопшти Трамп.
Претседателот му се заблагодари на Болтoн за службата и соопшти дека идната недела ќе именува нов советник за национална безбедност.
Во кулоарите на Вашингтон се говори дека зад оставката, меѓу останатите, стои и државниот секретар Мајк Помпео, кој не се согласувал со многу од политиките што ги заговарал сега веќе поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Трамп, конкретно во однос на односите со Северна Кореја или мировните преговори со Талибанците во Авганистан.