Поранешниот шеф на британската дипломатија и некогашен градоначалник на Лондон, Борис Џонсон освои вчера најмногу гласови во вториот круг од изборите за нов лидер на Конзервативната партија и иден премиер на Британија.
Џонсон, кој се смета за фаворит во трката за наследник на премиерката Тереза Меј, освои 126 гласови од конзервативните пратеници, 12 повеќе отколку во првиот круг од гласањето.
На второ место се наоѓа актуелниот министер за надворешни рабори Џереми Хант со 46 гласови, а на трето место е министерот за животна средина Мајкл Гув, кој доби 41 глас од конзервативците. По нив следуваат министерот за меѓународен развој Рори Стјуарт со 37 гласови и министерот за внатрешни работи Саџид Џавид со 33 добиени гласови.
Од друга страна, поранешниот министер за Брегзит, Доминик Раб е елиминиран со 30 гласови, со што не успеал да го премине потребниот цензус од најмалку 33 гласови.
Гласањето ќе продолжи во текот на неделава, се додека во трката не останат двајцата најдобро пласирани кандидата, за кои ќе се изјаснуваат 160.000 членови на Конзервативната партија почнувајќи од 22 јуни, а се очекува победникот да биде прогласен еден месец подоцна.