Џијан Емин и Хуан Аткинс ја воодушевија публиката и во Грузија

Македонскиот уметник заедно со американскиот диџеј и симфониски оркестар настапи на отворањето на првиот фестивал на електронска музика „Echo Waves“ во Анаклија

107

Музичкиот уметник, диригент и композитор Џијан Емин, на 23 август настапи на отворањето на првото издание на фестивалот „Echo Waves“ во Анаклија, Грузија, заедно со познатиот американски диџеј и автор Хуан Аткинс и „Алтер“ симфонискиот оркестар составен од музичари од Националниот оркестар на Грузија и од Националната опера.

Концертот во Грузија всушност, се случи по настапот на ова креативно дуо во Античкиот театар во Охрид, кога на 2 август ја воодушевија македонската публика заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.

Џијан Емин првпат гостуваше во Грузија, а тамошниот фестивал на своето прво издание донесе повеќе од 150 врвни уметници од електронската светска музичка сцена. На нова локација, покрај топлото Црно Море, со нова и поинаква музика, фестивалот „Echo Waves“, односно неговата програмска концепција беше оценета како нешто најдобро што му се случило на овој туристички град.

– Добивме покана да настапиме на овој фестивал кој за првпат се организира во Анаклија, Грузија, на прекрасна локација на самата плажа на Црно Море. Фестивалот траеше четири дена и имаше околу 120 изведувачи на 5 различни сцени. Ние ја имавме честа да го отвориме фестивалот кој е поддржан од владата на Грузија, а која очигледно се грижи за квалитетот на животот на своите граѓани преку реализирање на ваков тип на фестивал кој според рангот на учесниците слободно можам да го карактеризирам како светски – вели Џијан Емин.

Тој додава дека на првото издание фестивалот понудил неверојатно квалитетен избор на електронски музичари и диџеи. „Да се биде во друштво на Tricky („Massive Atack“), Die Antwoord, Marcel Dietman, Henrik Schwartz… и уште многу други големи имиња од светот на електронската музика е фантастично чувство. Но, можеби најмногу импонира фактот што ние со Хуан Аткинс бевме едни од главните протагонисти на целиот фестивал“.

Оркестарот со којшто настапил Џијан Емин бил склопен од музичари од Националниот симфониски оркестар на Грузија и од оркестарот на Националната опера. „Музичарите беа извонредни, со висок стандард на професионализам и одлична изведба. На првата проба можеби беа на момент малку збунети, бидејќи никогаш не биле дел од вакво случување, но како течеа пробите понатаму, нивото на изведба заедно со нивото на радост растеше, за концертот да биде повеќе од одличен“, вели тој.

За Грузија, ќе каже дека како и нашата земја, така и таа е земја во развој. „На нивната сцена за сериозна музика имаат светски имиња, имаат огромно културно наследство и електронската музичка сцена е во голем подем. Тоа што ми остави најголем впечаток е дека имаат многу млади и способни луѓе на многу битни позиции кои успеваат да ја движат земјата напред. Секако, има остатоци од животот во советската ера, но брзината со која се развиваат е за восхит.“

Неговиот следен ангажман во оваа насока е повторно во соработка со Хуан Аткинс и Огнен Узуновски од „Излет мјузик“ – издавање на неколку композиции на винил во наредните неколку месеци и продуцирање на албум чија концертна промоција ќе се случи во Детроит наредната година.

На 13 септември пак, Џијан Емин ќе настапи во Белград на концерт на отворено, заедно со Македонската филхармонија и африканската ѕвезда Феми Кути, концерт кој премиерно се одржа во Скопје во Градскиот парк на настанот „Филхармонија на отворено“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...