„Џерусалем Пост“: Израел е подготвен на секаков начин да ги поддржи Курдите во Сирија

112
ФОТО: Принтскрин

Израел е подготвен на секаков начин да им помага на Курдите во Сирија, изјави заменик министерката за надворешни работи, Ципи Хотовели, пишува весникот „Џерусалем Пост“.

Таа додава дека се уште не може да открие повеќе детали за тоа каква помош Тел Авив ќе им испраќа на Курдите, бидејќи тоа може да и наштети на нивната кауза.

– Израел добива мноштво барања за помош по дипломатски и хуманитарни канали. Ние им помагаме на различни начини – изјави Хотовели, запрашана за ситуацијата на Курдите во Сирија.

Според неа, Министерството за надворешни работи им помагало на невладините организации да испраќаат помош за Курдите во северна Сирија.

Хотовели напомена дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху  ја „осуди турската инвазија во северна Сирија“ и предупреди на „етничкото чистење на Курдите“, како и дека Тел Авив ќе продолжи да се залага за нив во дијалогот со САД.

Таа додаде дека поддршката за Курдите во Сирија произлегува од „историските врски“ и „заедничките интереси“ на Израел со нив.

– Курдите се умерен и прозападен фактор на Блискиот исток – додаде Хотовели.

Претставници на опозициската партија „Сино и бело“ претходно ја обвинија владата дека не успеала да ја предвиди кризата во северна Сирија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...