Второто издание на манифестацијата „Today it’s all about jazz“ или „Денес сѐ е џез“ во организација на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, ќе се одржи на 30 април во Македонската филхармонија. Почнувајќи од 18 часот, па до доцните вечерни часови, љубителите на музиката ќе имаат можност да уживаат во звуците на фантастични светски и домашни уметници.
Главна ѕвезда на вечерта ќе биде еден од највлијателните џез-музичари во светот, американскиот саксофонист Дон Менза. Овој врвен уметник, кој е и композитор и аранжер, роден во 1936 година, создаде дела кои оставија силен печат на светската музичка мапа.
Како диригент, пак, ќе се претстави маестро Зиги Фајл од Австрија, кој настапи и на првото издание на Меѓународниот ден на џезот во Скопје. Светски реномираниот диригент и професор на Џез универзитетот во Грац, се смета за едно од најистакнатите имиња кога станува збор за диригирање со биг-бенд состави.
Покрај Дон Менза и Зиги Фајгл, вечерта во Македонската филхармонија ќе настапат и два други инспиративни музички состава кои негуваат различен тип на џез-музика: Гоце Стевковски Секстет и Михаил Иосифов Квинтет од Бугарија. Бендот на познатиот тапанар и композитор Гоце Стевковски, ќе ги претстави најновите звучни остварувања.
Пред стартот на официјалната музичка програма, настап ќе имаат студентите од Џез катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, џез ансамблите кои функционираат во рамки на катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и џез-хорот „Артизан“.
Неколку дена пред официјалната манифестација во Скопје, Меѓународниот ден на џезот со мини патувачки џез караван ќе се одбележи и во други градови во земјава. На 26, 27 и 28 април во Охрид, Велес, Битола, Кавадарци, Штип и Прилеп, концерти ќе одржат шест фантастични македонски бендови: „Кабадајас“, „Летечки пекинезери“, Триото на Оливер Јосифовски, „Џезна“, Тони Китановски и „3јеct“.