Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, во рамките на официјалната посета на Република Турција, во Анкара, се сретна со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
На средбата присуствувле и пратениците Весел Мемеди, Енес Ибрахим, и Јусуф Хасани.
Џафери, како то соопшти собраниската служба, изрази благодарност за реализирањето на средбата и задоволство од интензитетот на посетите на највисоко ниво, што претставува можност Република Македонија и Република Турција да го потврдат традиционалното пријателство и да ја зајакнат долгогодишната успешна соработка.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган ја нагласил поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, како и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија. Тој подвлече дека Турција беше една од првите држави што ја призна нашата земја под нејзиното уставно име, таа прва отвори амбасада и назначи амбасадор во земјата. Истовремено, турскиот претседател се осврна на потребата за интензивирање на економската соработка, реафирмирајќи ја заложбата годишната трговска размена меѓу Турција и Македонија да се искачи на една милијарда долари.
!Соговорниците разменија мислења за состојбите во двете земји и за актуелните случувања во регионот, при што претседателот на Собранието на Република Македонија информираше за добивањето на позитивен извештај и безусловна препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ од страна на Европската комисија, како резултат на постигнатиот прогрес во земјата. Исто така, г. Џафери нагласи дека парламентарното мнозинство во Република Македонија е сериозно определено за реализација на реформската агенда, потврдувајќи ја посветеноста кон основните демократски вредности, владеењето на правото, почитувањето на човековите права, градењето на добрососедски односи и решавањето на отворените прашања„, се вели во соопштението.
На средбата станало збор и за потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот, при што беше нагласено дека Република Македонија го осуди обидот за државен удар во Турција и ги поддржува демократски избраните институции.
На крајот од средбата, заеднички беше нагласено значењето на меѓупарламентарната соработка и парламентарната дипломатија за билатералните и мултилатералните односи, во однос на унапредувањето на политичкиот дијалог и зголемувањето на динамиката на севкупната соработка меѓу земјите.