Ќе се создава регионален туристички производ

Ова го договорија денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, директорката на Туристичката организација на Србија Марија Лабовиќ и менаџерот за стратешко планирање на Националната туристичка организација на Црна Гора Емил Кукај.

115

Македонија, Србија и Црна Гора ќе соработуваат во привлекувањето туристи, особено од далечните дестинации и ќе се обидат подолго време да ги задржат во регионот преку нудење заеднички туристички производи со понуди на тури за истовремена посета на трите земји.

Ова е договорено на денешниот прв иницијален состанок во Скопје меѓу директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, директорката на Туристичката организација на Србија Марија Лабовиќ и менаџерот за стратешко планирање на Националната туристичка организација на Црна Гора Емил Кукај.

Јаневски нагласи дека сите три дестинации во изминатата година растеа повеќе од светскиот просек и предвидувањата на Светската туристичка организација.

– Дестинациите растеа помеѓу 15 и 20 проценти што е доволна провокација да се здружуваме, да работиме и да ги делиме искуствата. Денешниот состанок е јасна порака дека во периодот што доаѓа сите три дестинации ќе работат на поголема промоција на своите потенцијали и на изнаоѓање можности за зголемување и подобрување на соработката при промоција и градење на нови туристички производи, како и на можната заедничка соработка на трети пазари- рече Јаневски на денешната прес-конференција.

Посочи дека приоритет на трите земји кога е во прашање туризмот е негово се поголемо растење.

Лабовиќ потенцира дека е одлична и досегашната соработка меѓу туристичките организации од трите земји, но додаде дека двоцифрениот раст на туризмот во наредниот период може да се задржи само со пронаоѓање на дополнителни содржини и развој на заеднички туристички производи.

– Во Србија турстите од Македонија и Црна Гора се во топ 10 кои ја посетуваат земјата. Гледаме потенцијален раст на тоа поле, но и дека не сме конкуренција едни на други, особено кога се во прашање далечните пазари. Токму таму сме компатибилни и може да се надополнуваме едни со други и на тој начин подолго да ги задржиме странските туристи во нашиот регион, така што ќе им понудиме тури кои ќе ги опфатат сите три земји – рече Лабовиќ.

Кукај состанокот во Скопје го оцени како чекор напред во соработката за промоција и развој на заеднички туристички производ.

– Се надевам дека резултат на соработката ќе биде поголем број на туристи и подобар имиџ и перцепција во светот на регионот како туристичка дестинација. На регионот дефинитивно му треба соработка и унапрадување на квалитетот, бидејќи располага со неповторливи тирустички ресурси – рече Кукај.

Нагласи дека состанокот во Црна Гора ќе биде следен чекор во продлабочувањето на заедничката соработка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...