Концептот на дуално образование треба да биде прилагоден на реалните состојби во земјава и треба да одговори на потребите на пазарот на трудот, а за тоа ќе бидат потребни измени и дополнувања во повеќе закони и подзаконски акти, изјави вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска на средбата со претставници на германската и швајцарската амбасада, претставници на делегацијата на германското стопанство, како и претставници на компании и училишта во кои се спроведува пилот проектот за дуално образование.
На средбатаприсуствуваа и министерот за образование и наука, Арбер Адеми и дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.
Концептот на дуално образование се спроведува како пилот проект во седум стручни средни училишта со учество на 11 домашни и странски компании, со вкупно вклучени 258 ученици.
– Соработката со компаниите и училиштата коишто веќе се вклучени во пилот проектот за дуално образование, кој се спроведува во соработка со Делегацијата на германското стопанство во земјава ќе биде од клучна важност за најсоодветно решение за креирање на концепт на дуално образование со кој би се постигна максимален ефект, при што би се задоволиле потребите на стопанството за создавање на квалитетен и добро обучен кадар за развојот на стопанството и економијата генерално – рече Царовска.
Адеми, пак, изјави дека афирмацијата на стручното образование и промоцијата на концептот на дуално образование се врвен приоритет за Министерството.
– Министерството за образование и наука, како поддршка на овој концепт, во изминатиот период работеше на изработка на соодветни наставни програми, пришто се креирани 100 нови наставни програми за две и три годишните струки, како и околу 1.000 нови наставни програми за четиргодишното стручно образование. Притоа, фокусот е многу повеќе ставен на практичната настава, која сега изнесува околу 26 отсто од вкупната настава, за разлика од минатото, кога праксата била застапена само со 11 проценти во вкупната настава – рече Адеми.
Заменик амбасадорите на Германија и на Швајцарија, Ото Граф и Стефан Томаџан и директорот на делегацијата на германското стопанство Патрик Мертенс искажаа подготвеност и волја за натамошна поддршка во процесот на креирање на соодветен концепт на дуално образование.