Во Куманово ќе се реставрира Спомен Костурницата, најави денеска министерот за култура Роберт Алаѓозовски, при денешната посета на бројни културно-исторски споменици во градот.
Стручен тим формиран од Националниот конзерваторски центар веќе ја согледал состојбата на комплексот, каде почиваат коските на загинатите од НОБ и кој е во незавидна состојба, и е подготвен проект за конзервација и реставрација на елементите од комплексот.
– Започнуваме со практична реализација на проектот за реставрирање на Спомен Костурницата на паднатите борци во Куманово, посветена на борците од овој крај кои заедно со борците од Прилеп први се дигнаа против окупаторот и ја одбележаа НОБ – изјави министерот за култура.
Тој додаде дека состојбата на овој комлекс е многу лоша, потенцирајќи дека не се водела адекватна грижа од надлежните институции.
Алаѓозовски истакна дека оштетеувања има на релјефите, на конструкцијата, криптата, мозаичните плочки, од скалите на централното плато, а во лоша состојба се и придружните простории.
– Нашите служби и установи во текот на овој период ќе ги извршат сите потребни подготoвки во согласност со законската постапка. Подготвени сме проектот да го реализираме доколку биде готов, со зголемени средства од ребалансот, веќе во втората половина на 2018-та година, но во секој случај, ќе го реализираме во 2019 – изјави Алаѓозовски.
Тој истакна дека НОБ е нерaскинлив и важен дел од нашиот идентитет и државноста и дека борците со своите дела нѐ задолжуваат и заслужуваат максимална почит која ќе биде на дело докажана со обновата на овој комплекс.
Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, потсети дека за овој споменик исклучиво се грижи ЈП „Чистота и зеленило“ и општината. Тој потсети дека досега се реализираа бројни акции со невладиниот сектор за одржување на околината на комплексот, но истакна дека споменикот е под ингеренција на државата.
– Ја поздравувам иницијативата на Владата на Република Македонија, ресорното Министерство и ние како локална власт ќе се вклучиме во проектот. Се надеваме дека ќе го вратиме поранешниот сјај на овој објект – изјави Дмитриевски.
Општината е подготвена да одвои дел од својот буџет преку ребаланс за активности кои би се изведувале околу импозантниот објект.
Димитриевски потести дека има несовесни граѓани постојано ја уништуваат опремата околу објектот, дека се размислува за ангажирање агенција за обезбедување која би го чувала објектот. Просторот е хортикултурно уреден, а во иднина општината планира да воведе и трим патеки, патеки за пешачење и можна изградба на амфитеатар од отворен тип со поддршка на ресорното министерство.
Директорката на Управата за заштита на културно наследство Елеонора Петрова Митевска, информираше дека управата се грижи за Спомен костурницата, кој е еден од спомениците на култура. Таа додаде дека и некои објекти од Куманово кои сега се споменици, имаат тенденција да прераснат во културно наследство, посочувајќи го споменикот „Жена Борец“. Во тек е процедура на прогласување на Занаетчискиот дом за значајно културно наследство.
– Управата оди во насока сите споменици на културата на територија на градот да бидат ревалоризирани во културно наследство – изјави директорката.
Спомен костурницата е комплекс составен од обелиск и костурници во кои се чуваат посмртните останки на загинатите припадници од НОБ.