Ќе се работи на терен за воспоставување на заеднички гранични контроли со Албанија

Tехничките предуслови за заеднички гранични конторли од двете страни треба да бидат завршени до крајот на годината.

116

Формирање на мешовити работни групи од надлежните институции за воведување на заедничко гранично управување со едно застанување „One Stop Shop”договори министерот за економија Крешник Бектеши на денешната средба со албанската министерката за економија и финансии Анила Денај и тамошниот министер за внатрешни работи Сандер Лешај во Тирана.

Работните групи ќе работат на техничките предуслови за воведување на заедничко гранично управување на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане.

– Албанската страна веќе достави нацрт- верзија на Спогодба за заедничко гранично управување, чијшто текст е прифатлив за нас и е појдовна основа за преговори за негово склучување. Во наредниот период ќе работиме на создавање на предуслови на терен за функционирање на овој концепт, по што ќе следи усогласување на Спогодбата по спроведување на законските постапки на двете држави – изјави Бектеши по средбата.

Тој очекува техничките предуслови од двете страни да бидат завршени до крајот на годината.

Министерката за финансии и економија на  Анила Денај, пак, рече дека за забрзување на процедурите за отварање на „One Stop Shop” на граничниот премин Ќафасан треба да се искористат позитивните искуства кои ги имаат двете земји со Косово и со Србија.

Владата во септември 2018 година донесе одлука за започнување на постапка за воведување на заеднички гранични контроли со Албанија на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане. На почетокот на 2019 година оваа иницијатива беше прифатена од страна на Република Албанија, при што од албанската страна беше доставен и нацрт- текст на Спогодба за воведување на заеднички гранични контроли на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...