Ќе се прска против шимширови молци или пак ќе им го послужиме Водно на тацна?

Загрижените планинари и Здружението за промоција и туризам Матка Адвентуре поднеле неколку дописи до Градот и до Центарот за јавно здравје во кои ги потсетуваат дека периодов треба да се прска против овој штетник.

608

Градот Скопје сѐ уште нема одлука дали ќе прска против шимшировиот молец кој сега е во фаза на ларва, а веќе две години ги соголува зелениките кои ги има во изобилство на Водно и на Матка.

Загрижените планинари и Здружението за промоција и туризам Матка Адвентуре поднеле неколку дописи до Градот и до Центарот за јавно здравје во кои ги потсетуваат дека периодов треба да се прска против овој штетник, но оттаму засега нема никаква најава дека ќе се прска против овој инсект ниту дека е во процес набавка на соодветно средство за прскање.

– Беше речено дека треба да се прска во најраната фаза, кога се ларви, што е случај сега. Ако не се напрска, како во последните две години, ќе се појават голем број пеперутки кои им пречат и на туристите. Освен тоа, кога се ларви, јадат еден вид на шума која се вика зеленика. Таа е изедена цела во последните две години – велат од Здружението Матка Адвентуре, кое во март поднело барање до Градот Скопје и до Центарот за јавно здравје за навремено прскање против шимшировиот молец.

Здружението сакало да го потсети Градот Скопје на ланските објаснувања дека ќе се прска на пролет кога инсектите се во фаза на ларви. На 15 март Здружението испратило ургенција до Градот и побарало од Градот како надлежна институција за Матка, да преземе превентивни мерки за нејзина заштита од преголемата населеност на белите пеперутки, познати како шимширови молци.

– Се обративме и до Центарот за јавно здравје, кој е надлежна институција за таков вид прскање. Оттаму ни беше речено дека го знаат проблемот и само треба да има нарачател, а тоа да биде некоја јавна институција, дали Министерството или Градот Скопје или Општина Сарај. Ние како друштво, можеме само да пријавиме. Не можеме да нарачаме бидејќи немаме средства. Сакам Градот Скопје да се потсети оти лани имаше изјава дека треба навремено да се интервенира, сметаме дека сега е најправилното време – рекоа од Здружението.

Оттаму напишале уште едно барање до Град Скопје и побарале од нив во соработка со Општина Сарај и со Министерството за животна средина и просторно планирање, да се обратат до Службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација при Центарот за Јавно здравје Скопје.

– Да ги одобрат нивните акции со цел навремено да се изврши дезинсекција на кањонот Матка и превентивно да се заштити од појава на шимшировите молци. Како Здружение, чија долгорочна цел е зачувувањето на природните убавини на Матка и развивањето на туризмот во ова подрачје и пошироко, сметаме дека ваквите акции се неопходни, со цел да се зголеми бројот на туристи и да се организираат спортски активности во овој регион – нагласија од Здружението.

Според нивните сознанија, и планинари пуштиле дописи до Градот Скопје и до Општина Сарај за да се интервенира навреме. Инаку, инвазијата од овој молец е и регионален проблем, зашто го има и во соседните земји.

– На Здружението му е даден одговор од страна на Секторот за комунални работи на 1. април, каде информираат дека согласно Програма донесена од Советот на Град Скопје, се врши редовна превентивна дезинсекција, која што наскоро треба да започне, и во рамките на истата ќе се направат напори да биде опфатено и предметното подрачје. Во однос на посочениот инсект, истиот не е предвиден со соодветната Програма и Градот Скопје не може да чува залиха за прскање за сите видови инсекти, кои потенцијално може да се појават во шумските предели во и околу скопскиот регион. Затоа е потребен ангажман на повеќе институции кои што се бават со заштита на шумите и кои имаат поголем увид и експертиза во справувањето на овој вид појави – рекоа денеска од Град Скопје за Плусинфо.

Минатата година во август Плусинфо пишуваше дека Град Скопје утврдил оти шимшировиот молец втора година ги напаѓа Матка и околината и планината Водно.

– Стручните лица на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве беа на терен каде ја детектираа појавата на гасеницата, т.н. молец на зеленика (cydalima perspectalis walker) во парк-шумата Водно и дел од Сарај, која има штетен ефект на дрвјата. По консултации со стручни лица од Шумарскиот факултет, констатирано е дека оваа година е доцна да се третира против овој инсект, дека е потребно да се следи состојбата и наредната година, кога временските услови ќе бидат оптимални, доколку има потреба да се интервенира преку авионско прскање со посебни препарати – рекоа лани од Градот за Плусинфо.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...