Лидерката на Хонг Конг Кери Лам свика за попладне состанок со прокинеските политичари, на кој официјално ќе најави повлекување на контроверзниот нацрт-закон за испорачување, поради кој дојде до повеќемесечни протести, објави британски „Индепендент“.
На попладневната средба, според весникот, таа ќе ги опише деталите за повлекување на нацрт-законот, како „гест со цел смирување на тензиите“.
Локалните медиуми, исто така, известуваат дека ќе дојде до повлекување на нацрт-законот, по што дојде до скок на акциите на берзата во Хонг Конг.
Канцеларијата на Лам не ги коментираше медиумските написи.
Контроверзниот нацрт-закон предвидуваше можност осомничени од Хонг Конг за судење да бидат екстрадирани во Кина. Законот за екстрадиција, со кој ќе се опфатеа седум милиони жители на Хонг Конг, како и странски и кинески државјани во градот, многумина го сметаат за закана за владеењето на правото во поранешната британска колонија.
ФОТО: EPA / ROMAN PILIPEY