Се работи на подобрување на одредени аспекти на заедничката контрола на граничниот премин Прешево-Табановце, изјави денеска заменик директор на Царинската управа на Србија, Веселин Милошевиќ.
Тоа е првиот премин со концептот „One Stop Shop“, што подразбира патниците и превозниците заради граничните формалности на преминот да се запираат само еднаш, што треба да овозможи значително забрзување на движењето на патниците и стоките преку границата. Сепак, искуствата на патниците и превозниците кои ја доживеале оваа новина укажуваат на тоа дека постојат потешкотии во реализацијата на оваа идеја.
-Тоа ги подразбира оние аспекти за кои работејќи заедно и преку компромис треба да бараме подобри решенија, олеснувањето за да може да се почуствува во економијата, особено кај превозниците и нашите граѓани, како и сите други патници кои го користат овој премин – рече Милошевиќ.
Милошевиќ објасни дека ова првенствено се однесува на товарниот сообраќај.
– Идејата беше да се намали притисокот на преминот и да се направи што е можно поефикасен проток на патници и стоки. Имајќи предвид дека во најголем дел, сообраќајот на стоки е наша одговорност, во тој сегмент ќе се обидеме да сториме се што е во наша моќ да обезбедиме услови неопходни за концептот на заедничката контрола да биде успешен – рече Милошевиќ.
Тој истакна дека преминот Прешево-Табановце е еден од најголемите и најефикасни премини.
– Околу 600 камиони влегуваат во Србија за 24 часа, што се смета за голем резултат, бидејќи царинската постапка на Србија во просек трае околу 2,5 минути. Од друга страна, колегите од Северна Македонија изразија загриженост од незадоволството на одредени здруженија на превозници, затоа што во Србија немаме капацитет да ги користиме т.н. брзи ленти наменети за камиони што се празни или само транзитираат низ нашата територија – изјави заменик директорот на српската царина.
Тој истакна дека во неколку наврати имале средби на преминот и наскоро очекуваат делегација на двете царински управи да потпишат заеднички предлог со цел да се подобри сегашната состојба