На Универзитетот „Фан С. Ноли’’ во Корча ќe се отвора лекторат за македонски јазик, што како идеја произлезе од научниот симпозиум „Животот и литературното дело на Стерјо Спасе” кој Универзитетот го организираше во соработка со македонското друштво „Сонце”.
Како што соопшти Кабинетот на министерот за дијаспора Едмонд Адеми, на тој симпозиум Адеми и амбасадорот во Тирана Данчо Марковски, во разговор со ректорот Али Јашари побарале зацврстување на врските и поголема соработка меѓу македонските универзитети и универзитетот „Фан С. Ноли”.
„Во таа насока, амбасадорот Марковски, по извршени претходни подготовки и координација со ректорот на Универзитетот „Климент Охридски” во Битола, Сашо Коруновски, на 4 март 2019 оствари работна средба со ректорот на универзитетот „Фан С.Ноли“ во Корча, Али Јашари, и членови на ректорската управа, при што беа иницирани два конкретни предлога – отворање лекторат за македонски јазик и заемно организирање проверка на познавање на македонскиот јазик и издавање дипломи на заинтересирани студенти и лица“, соопшти Кабинетот на министерот за дијаспора.
Ректорот Али Јашар идејата за лекторат ја оценил како мошне добра и предложил да се преземат неопходни подготовки за да се пристапи кон реализација.
„Побара во следните триесетина дена да се организира средба со неговиот хомолог, во Битола или во Корча, за деканите од двата факултета да може да потпишат меморандум за соработка и да ги утврдат условите и начинот на работа. Јашари се согласи и со предлогот за организирање проверка и полагање на македонскиот јазик, како и за разгледување на можноста за меѓусебно признавање на дипломите“, се наведува во соопштението.