Ќе се обучува кадар за дизјанирање и изведба на фотоволтаици и топлински колектори

Обуката за проектирање и изведба на фотоволтаици ќе ја следат 10 инженери и 20 техничари, а обуката за сончеви топлински колектори ќе ја следат исто толку инженери и техничари.

436

Дваесет инженери и 40 техничари во наредниот период ќе се обучуваат за проектирање и изведба на фотоволтаици и сончеви топлински колектори преку проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ кој го финансира Европската унија, а се реализира од Стопанската комора.

Како што беше речено на денешната прес-конференција во Комората, обуката за проектирање и изведба на фотоволтаици ќе ја следат 10 инженери и 20 техничари, а обуката за сончеви топлински колектори ќе ја следат исто толку инженери и техничари.

– Преку овие обуки треба да изградиме заеднички стандарди за подготовка на проекти и нивна изведба, односно ќе се знае што треба да знае еден инженер и техничар за имплементирање на обновливи извори на енергија. Целта е да се изградат стандарди за занимања кои потоа ќе се акредитираат и во земјава да се имплементираат  технологии за обновливи извори на енергија со прифатлива цена и квалитет – информира Христина Спасевска од претседател на Инженерската институција која е вклучена во проектот.

На овие обуки ќе им претстои процес на препознавање претходни знаења и вештини стекнати во неформалното и информалното образование. Учесниците ќе добијат и европски сертификати  за соодветното занимање.

На ФЕИТ кој е носител на овој дел од проектот, информира Спасевска, е  во тек формирање лабораторија  за да можат инженерите и техничарите да се обучат од безбедност на работа, па се до изработка на проект преку користење на софтверско решение и изработка на техноекономска анализа.

– Лабораторијата ќе ги примени најсовремените технологии за сончеви топлински колектори што ќе следат во иднината- рече Спасевска.

Таа најави дека ќе се направи база на податоци за сертифицирани работници, инженери и техничари, но и на компаниите кои имаат работници што реално можат да имплементираат обновливи извори на енергија од проектирање до инвестирање.

Претседателот на Здружението за бизнис консултанти – Креација, Ристо Иванов рече дека преку проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ во првите две фази се обучени 1.500 работници.

– Во третиот дел од проектот очекуваме да се опфатат 300 нови градежни работници, 300 техничари и околу 100 инженери – рече Иванов.

Претседателот на Здружението за енергетика при Стопанската комора, Ристо Јаневски  информира дека  е во подготовка правилник кој предвидува објектите од обновливи извори на енергија да ги дизајнираат и изведуваат сертифицирани работници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...