Граѓаните ќе бидат принудени да ги гледаат програмите само на јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал, доколку институцииите не ги повлечат последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ) донесен пред распуштање на Собранието, а се однесува на обврските и одговорностите на операторите преку кои се реемитуваат програмите на домашните и странските телевизиски канали.
Здружението на информатичко-комуникациски технологии на Стопанската комора во кое членуваат сите оператори во земјава, денеска одлучи да го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали преку сите македонските оператори. Тие бараат да се повлечат последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ) со кои им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Тие потсетуваат дека нивната улога во процесот е само да ги реемитувааат веќе подготвените програми на телевизиските канали.
– Ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава. Истовремено, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Здружението на информатичко-комуникациски технологии поднесе барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност – велат од Здружението.
Оставаат простор, како што велат, институцииите да изнајдат решение пред да го дефинираат точниот датум од кога ќе прекинат со реемитување на сите програми на домашните и странските ТВ канали, освен програмите на јавниот сервис- МТВ1 ,МТВ2 и Собранискиот канал. Доколку бидат принудени да ја активираат одлуката, велат дека таа ќе трае се додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение.
За да ги заштитат нивните клиенти, граѓаните, операторите одлучиле и да не ги наплаќаат ТВ услугите за периодот додека трае прекинот.
Од Здружението, како што велат, се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошните штети и би се заштитиле корисниците на услуги и целата јавност.
За одлуката да го прекинат реемитувањето на ТВ каналите, Здружението на информатичко-комуникациски технологии ги информирало Претседателот на РСМ, претседателот на Собранието, претседателот на владата, ресорните министри во владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност.
Во Здружението на информатичко-комуникациски технологии на Стопанската комора членуваат сите оператори во земјава меѓу кои Македонски телеком, А1, Телекабел големите и мали кабелски оператори….).