„Њујорк тајмс“: Вториот човек на американското обвинителство сакал тајно да го снима Трамп

253

Весникот „Њујорк тајмс“ пренесува дека вториот човек во американското обвинителство Род Розенстин им најавувал на колеги дека планира тајно да го снима претседателот Доналд Трамп и се обидувал да иницира постапка за отстранување на претседателот од функцијата.

Според весникот, Розенстин на повеќе средби со високи безбедносни офицери дискутирал како најлесно може да се снимаат разговорите со претседателот, во периодот во 2017 година кога Трамп го разреши директорот на ФБИ Џејмс Коми.

– Розенстин предложи дека, ако не тој, тогаш заменикот директор на ФБИ Ендрју Мекејб или некој друг висок функционер на ФБИ кој се среќава со Трамп би требало да носи уред за снимање. Розенстин додаде дека обезбедувањето во Белата куќа никогаш не бараше да му го провери телефонот при средбите, додавајќи дека би било лесно тајно да го сними Трамп, пишува весникот.

„Њујорк тајмс“ не прецизира дали Розенстин навистина го спровел планираното снимање на претседателот. Се работи за период во 2017 година кога разрешувањето на Коми предизвика жестоки критики на Трамп и обвинувања дека тој се обидува да ја попречи истрагата за неговите наводни контакти со Русија.

Розенстин, на овие средби со високи безбедносни функционери дури ја разгледувал можноста јавниот обвинител Џеф Сешнс и шефот на кабинетот на Трамп генералот Џон Кели да покренат постапка според амандманот 25 на Уставот на САД, со која мнозинство од членовите на кабинетот може да заклучат дека претседателот не е способен да ја извршува должноста и да го отстранат. Розенстин и неговите соговорници, чии имиња „Њујорк тајмс“ не ги открива, разгледувале кои од членовите на кабинетот би можеле да се приклучат на ваков обид за отстранување на претседателот, а кои би можеле да го предупредат на планираниот пуч.

Објавувањето на текстот на „Њујорк тајмс“ доаѓа во време кога Трамп најави дека ќе ги објави документите кои довеле до покренување на истрагата за „рускиот заговор“ против него. Поддржувачи на Трамп велат дека овие документи ќе покажат постоење на широк заговор во безбедносните служби на САД со цел да се попречи работата на претседателот, како и да се шпионира предизборната кампања на Трамп.

Трамп повеќе пати јавно го напаѓаше јавниот обвинител Џеф Сешнс поради неговата одлука да се повлече од истрагата за „рускиот заговор“ и да го именува токму својот заменик Розенстин како одговорниот функционер кој ќе го одобри именувањето на специјалниот обвинител Роберт Малер, кој сега ги истражува руските врски на Трамп. Претседателот обвинува дека целата истрага на Малер е политички лов на вештерки, а неодамна изјави дека „јас немам јавен обвинител“, алудирајќи дека обвинителството под Сешнс и Розенстин работи на негов политички прогон

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...