Американски командоси кон крајот на минатата година биле распоредени во Саудиска Арабија на границата со Јемен, за да помогнат за откривање и уништување на магацини со проектили на шиитските бунтовници хуси во соседната земја, тврди денеска весникот „Њујорк тајмс“.
Според американскиот весник, кој се повикува на претставници на властите во САД и европски дипломати, овие војници од специјалните единици пристигнале во Саудиска Арабија во декември.
Тоа распоредување значи растечка вмешаност на САД во војната во Јемен, во која загинаа речиси 10.000 луѓе и ја предизвика „најтешката хуманитарна криза во светот“ според ОН, коментираат светските медиуми.
Од почетокот на смртоносниот конфликт пред три години, хусите почнаа да стрелаат се повеќе балистички ракети врз саудиските градови.
Министерството за одбрана на САД одби да ги коментира тврдењата на „Њујорк тајмс“.