Според податоците на Њујоршката управа за сообраќај (МТА), 350 музичари во склоп на програмата „Музика под Њујорк“, на околу 30 локации, годишно имаат повеќе од 7.500 перформанси.
Целта е, истакнале од МТА, содржински да се збогати јавниот превоз.
Њујоршкото метро е најстарото и најголемо во светот. Официјално има 468 станици во должина од 390 километри. Метрото што започна со работа во 1904 година, сè уште користи технологија што била користена пред 80 години.
Оние што го користат метрото во Големото Јаболко, секојдневно наидуваат на различни проблеми. Меѓутоа, со музички перформанси на патниците на некој начин им се олеснува секојдневието. Станува збор за голема мрежа на музичари, уметници, графички дизајнери и други професионалци, на кои работа им е да „додадат малку боја во тунелите што секојдневно ги користат околу 9 милиони луѓе“.
Иницијативата за музичките настапи настанала во 1985 година, а проектот бил започнат во 1987 година.
Во јануари секоја година музичарите имаат можност да аплицираат за учество во проектот. Освен луѓето во њујоршкото метро, тие ги забавуваат граѓаните и на некои други важни места во овој град, како на пример Гранд централ.
Луѓето имаат можност да слушаат музички изведби од џез и класична музика до некои локално познати песни.
Сузан Кесер е една од оние што уживаат со својата музика да им го разубавуваат секојдневието на луѓето во Њујорк. Таа често свири композиции од Вивалди и од Моцарт.