Голем број љубители на виното од земјава и регионот, претставници на дипломатскиот кор, на институциите, на бизнис секторот и медиумите, јавни личности, како и соработници и пријатели на Винарската визба „Тиквеш“ имаа можност за првпат да го пробааат младото вино од годинешната берба која за „Тиквеш“ беше рекордна и изнесуваше над 28 милиони килограми грозје.
Традиционално, и на годинешниот, деветти по ред, Фестивал на младо вино, „Тиквеш“ ги претстави своите млади вина кои според првичните оценки на енолозите и присутните вински ентузијасти, се извонредни и имаат одличен потенцијал да освојат многу нови медали, признанија и високи оценки на реномирани светски вински натпревари и со тоа да го потврдат и надминат успехот од минатите години.
Покрај веќе докажаните вински ѕвезди, на годинешниот Фестивал, за првпат беше претставен и новитет во палетата врвни вина на „Тиквеш“. Тоа е црвеното вино од првата берба на грозје од сортата сира (Shiraz), кое пред четири години беше насадено на лозјата на локалитетот Лепово.
Следејќи ја определбата за општествено одговорно делување, „Тиквеш“ и оваа година им овозможи на сите посетители на Фестивалот да донираат средства кои ќе бидат искористени за поддршка на иницијативата на Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“ и нивниот проект за основање на првото бесплатно училиште за музика и уметности наменето за деца од семејства изложени на социјален ризик. Конкретно, проектот наречен „Гитара, дирки и свирки“ ќе нуди бесплатни часови за децата кои потекнуваат од вакви семејства, за да можат да го искористат и доразвијат својот креативен потенцијал, талент и афинитети. За возврат, на сите посетители кои ќе донираат за ова хумана цел, „Тиквеш“ ќе им даде подарок – шише младо вино.
Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ е прв и единствен од ваков вид во нашата земја и има значајна улога во градењето на винската култура и создавањето сопствена традиција на евалуација на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји производители на вино.