
Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ изјави денеска дека заради глобалната состојба со коронавирусот, 80 отсто од туристичките аранжмани во февруари и март се откажани, особено на туристи од Кина, но и од други земји, јави дописникот на МИА од Белград.
– Се плашиме дека нашата хотелиерска индустрија во Белград и пошироко ќе претрпи големи штети. До вчера немавме откажување на аранжмани за втората половина на април, а во некои хотели се откажуваат аранжмани и за мај. За конечната штета ќе зборуваме во наредните денови. Ако ова продолжи, штетата ќе биде навистина голема – кажа Љајиќ за ТВ Прва.
Светската туристичка организација имаше проценка за раст на светскиот туризам оваа година од три до четири проценти, а сега проценките се дека падот ќе биде од еден до четири проценти, оцени Љајиќ.
Директорот на Туристичката организација на Белград (ТОБ) Миодраг Поповиќ изјави денеска дека во Србија, регионот и пошироко е на сила„ кризен менаџмент“ во туризмот заради појава на коронавирусот.
Тој додаде дека коронавирусот ќе биде една од главните теми на денешниот балканскиот туристички самит на „Узакрот“ во Белград и дека претставниците од балканските земји ќе разговараат за тоа како најдобро да се справат со сегашната состојба.