Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ја повика ЕУ да дефинира пристап за влезот на Западен Балкан во Унијата.
– Ни треба дефиниција за пристапувањето на Западен Балкан. Во спротивно, други ќе бидат во можност тоа да го искористат и да го обликуваат нашето соседство – рече Јункер во својот годишен говор пред Европарламентот за Состојбата на Унијата.
– Проширувањето е успешна приказна, бидејќи ја обединивме Европа и историски и географски – вели Јункер.
Тој истакна дека во политиката на проширување остана уште работа да се заврши, и потсети дека ЕУ мора да продолжи да извезува стабилност, како што тоа го прави кога станува збор за проширувањето.
– Ја сакам Европа и ќе ја сакам засекогаш – истакна Јункер од говорницата во Европарламентот.
Тој повика на поголемо единство во ЕУ, во сите области на домашната и надворешната политика.
– Кога сме обединети, ние Европејци сме сила без која не се може – рече Јункер.
Тој оцени дека ЕУ денес е гарант на мирот и повика на борба против национализмот, кој, според него, не бара решенија туку виновници.
Во својот последен говор како претседател на Комисијата, Јункер се заложи за отворена ЕУ, која „не им врти грб на другите, особено на оние кои страдаат“. Јункер повика на „балансирана реформа на миграциската политика” и на компромис во ЕУ околу ова прашање.
– Тековните решенија во оваа област не се доволни за нас, потребна ни е трајна и поорганизирана солидарност – вели Јункер.
Јункер се заложи за јакнење на безбедноста на надворешните граници на ЕУ, како и за евентуално укинување на внатрешните граници.
– Доколку останат, тоа е чекор назад за Европа – оцени Јункер.
Говорејќи за миграциската политика, претседателот на Европската комисија повика на борба против нелегалната имиграција, враќање на лицата кои илегално влегле на територијата на ЕУ, но и на отворање на легалната миграција
– Потребна ни е квалификувана работна сила – рече Јункер.
Што се однесува на Брегзит, тој потврди дека ја почитува одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, но дека длабоко жали за тоа. Тој рече дека никој што ја напушта ЕУ не може да остане дел од единствениот пазар. Тој особено ја истакна важноста на решавањето на границата со Ирска, но исто така и идните односи.
– По 29 Март 2019 година, Велика Британија нема да биде која било трета земја, туку близок пријател и партнер на ЕУ – заклучи Јункер.
Во својот говор пред членовите на Европскиот парламент, јункер повика на одбрана на слободата на медиумите во Европа и рече дека слободата на медиумите не треба да се доведува во прашање.
– Нема демократија без слобода на изразување – потенцираше Јункер.
Тој денеска испрати писмо на намери до претседателот на ЕП Антонио Тајани и на актуелниот претседавач со Европскиот совет – австрискиот премиер Себастијан Курц, во кое ги наведе клучните иницијативи на Еврокомисијата во слендиот период.
Тие се однесуваат на јакнење на економијата и инвестициите во ЕУ, поврзување преку заеднички дигитален пазар, јакнење на Европската унија и борба против климатските промени, јакнење на внатрешниот пазар и индустрија во ЕУ, јакнење на Економската и монетарна унија, трговијата со светот, заштита на основните права, како и работа на новата миграциска политика и јакнење на улогата на ЕУ како глобален играч на светската сцена.