Јужна Кореја одлучи да го подигне нивото на опасност од новиот коронавирус на највисок степен. Тоа го најави претседателот Мун Џае Ин, откако во таа држава беа регистрирани повеќе од 100 нови случаи на заболени од Ковид-19.
Мун рече дека владата ќе го зајакне целокупниот одговор на вонредни состојби како дел од прогласување на „црвен“ степен на предупредување и дека локалните власти треба да преземат „исклучителони, моќни“ мерки за да спречат ширење на Ковид-19, јави Јонхап.
Јужна Кореја објави 123 нови случаи на коронавирус и два нови смртни случаи, со што вкупните потврдени инфекции се 556 и бројот на починати е четири, според јужнокорејскиот Центар за контрола и спречување болести.
Бројот на заразени од новиот коронавирус во Кина се зголеми на 76.936, откако се пријавени 648 нови случаи додека бројот на жртви достигна 2.442, соопшти националната здравствена комисија.
Во Хубеи, епицентарот на епидемијата, бројот на новозаболени во саботата се зголеми на 630. Тоа е значително зголемување од претходниот ден, кога беа пријавени 366 нови случаи на коронавирусот во Хубеи.
Бројот на жртви исто така се зголеми, достигнувајќи 2.346 до крајот на вчерашниот ден, што претставува зголемување за 96 од претходниот ден.