„Југохром“ целосно ќе се уништи или ќе се продаде

Податоците на синдиактот се дека моментално на одржување на „Југохром“ се ангажирани 30 до 40 лица и тоа за техничко одржување и обезбедување на капацитетите.

718

Владата да најде начин состојбата со „Југохром“ што побрзо да се разреши, оти состојбата во овој индустриски капацитет дополнително се влошува, бара Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР) откако премиерот Зоран Заев изјави дека сопственикот информирал дека има намера да го продаде.

– Гледаме дека работите не одат во комбинатот. Две години ништо не се работи на пречистителната станица и покрај тоа што Владата понуди да обезбеди кредит од 1,5 милиони евра со поволна камата, ако сопственикот вложи уште толку за да се доврши започнатото. Сопственикот на комбинатот, меѓутоа, изминатите две години не се изјасни што планира со капацитетот и тоа говори дека не е заинтересиран за објектот. Затоа не е чудно тоа што слушаме дека сака да го продава – вели претседателот на СИЕР Пеце Ристевски.

Според него, изминатиот период Владата не вршела никаков притисок на сопственикот да ги доврши започнатите инвестиции, ниту пак го обврзала со нешто.

– Иако е приватен капитал, сепак Владата сега може да го обврзе да ја заврши брзо постапката за продажба на „Југохром“. Како главна причина за тоа покрај вработените е и тоа што капацитетите се во лоша состојба оти не се никако обезбедени за да не се распаѓаат. Затоа ние бараме да се интенцивираат работите околу продажбата за да не изгуби целосно од неговата вредност – подвлекува Ристески.

Активирањето на „Југохром“, според него, ќе значи враќање на работа на работниците кои останаа без егзистенција откако инспекторатот за екологија го затвори бидејќи не беа почитувани роковите за изградба на филтерот за отпрашување.

Податоците на синдиактот се дека моментално на одржување на „Југохром“ се ангажирани 30 до 40 лица и тоа за техничко одржување и обезбедување на капацитетите.

Премиерот Зоран Заев изминатата недела изјави дека инвеститорот има слаб интерес за изградба на неопходните филтри за работа на „Југохром“ без кои, пак, комбинатот може да работи.

– Како Влада дадовме сѐ, а мислам дека дадовме и малку повеќе од тоа што бараа само да се постават филтрите, но инвеститорот има слаб интерес. Ги одобривме парите од Македонска банка за поддршка на инвестициите и дефинитивно треба да се бара нов сопственик за комбинатот. Веќе информирав двајца потенцијални инвеститори, а верувам дека и другите претставници од Владата ќе информираат други за да може да дојде нов сопственик и да ја продолжи севкупната реализација на проектот – изјави Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...