„Остави ме да си доиграм“ е новата, четиринаесетта по ред, книга поезија на Јовица Ивановски. Го користиме овој повод за да позборуваме со Ивановски и за улогата на поезијата во нашето општество, за тоа како поезијата да се доближи до читателите, но и за третманот на културата во медиумите.
Неодамна во издание на „Или–Или“ излезе твојата нова поетска книга „Остави ме да си доиграм“. Со што сакаш да си доиграш?
– Синтагмата ја употребувавме како деца. Мајките нè викаа од балконите, но ние го одложувавме крајот. Сакавме да си доиграме – жмурки, камај, фудбал, баскет… Зарем има нешто поубаво од игра? Играњето сè уште не ми е здодеано. Некои други игри, со себе, со другите. Но, овојпат не ѝ се обраќам на мајка ми, туку на смртта, најголемата растурачка на игри.
Твоите промоции се познати како еден вид градска забава, секогаш посетени со луѓе познати од градот. Како ги избираш личностите кои ја интерпретираат твојата поезија на промоциите?
– Едно знам, не сакам да се повторувам. Не сакам ни академска атмосфера. Џагорот ми ги гали ушите како шуштењето на оштетените лонгплејки насадени на грамофон „Тоска 10“. А што се однесува до изборот на промоторите, актерите и музичарите, ги избирам оние кои ги ценам и сакам. Можам да се пофалам дека вонредни уметници ги збогатиле моите промоции, но сакам да верувам дека публиката, пред сè, доаѓа поради мене и мојата поезија.
Дали поетот сѐ уште има важна улога во општеството?
– Поминаа тие времиња. Повоените поети, во времето на описменувањето, особено првата и втората генерација, оставиле длабоки траги. Биле влијателни, на високи општествени функции и уште како млади на двочекор влегле во учебниците. Денес поетите се онаму каде што, впрочем, им е местото – на маргините. ОК, имаме неколку светски познати поети и неколку популарни на Фејсбук, но за жал, барем за сега, нивната улога во општеството е занемарлива.
Каков е третманот на културата во медиумите?
– Поразителен. Политиката и некултурата се на насловните страници, а културата на крај, не како шлагворт, туку како патос. Овие кризни времиња, овие политички превирања, ја туркаат културата на дното. Од друга страна, ова (не)време е податливо за создавање уметност. Така што, можеби наскоро, во некои други, неизвртени општествени околности, културата ќе им сврти грб на некролозите и гордо ќе зачекори кон средните страници на весниците.
Од друга страна, каква е институционалната поддршка за поетските дела? Како ти ги објавуваш твоите книги?
– Последната моја книга поддржана од Министерството за култура е објавена во 2011 година. Потоа, две-три години по ред, книгите не ми поминуваа на конкурсот. Веројатно бев на некоја „црна листа“ затоа што го пишував она што го мислам. Тогаш решив повеќе да не конкурирам. И еве, од 2015. до денес, објавив пет книги без поддршка од Министерството. Три од нив од издавачките куќи „Табернакул“ и „Темплум“, а последните две потпомогнати од спонзори. Всушност, кога ќе го удрам есапот, од четиринаесет книги поезија и два избора, Министерството за култура поддржало само шест.
Често беше учесник на една неформална поетска дружба Астални проекции, кои беа многу посетени. Дали е тоа начинот на приближување на поезијата кон луѓето?
– Убави млади луѓе, ентузијасти. Нема ништо почисто од тоа кога нешто се прави од љубов, без личен интерес и материјална полза. Четириесет пати по десетина поети – бројка е тоа, не е шега. И секогаш пред полна „Менада“. Но, таму претежно доаѓаа љубители на поезијата, а за вистинско приближување на поезијата, особено кон учениците, треба да се погрижи Министерството за образование, со нова, освежена наставна програма, во која ќе влезе и некој модерен поет, по можност, пред да почине.
Каков беше градот на твоето детство, а каков е градот сега?
– Во книгата „Градот што веќе не е мој“, објавена преклани, пишував за новото Скопје, што ми пречи и зошто веќе не ми се допаѓа, и не би сакал да се повторувам. Моето старо Скопје е замрзнато на некои фотографии, во моите спомени и песни. Секако дека градот мора да расте, лошо е да не порасне, но не ни сонував дека може во нешто вакво да израсне. Град-изрод. Затоа, најчесто одејќи кон некои негибнати делови на Дебар Маало, во широк лак ги заобиколувам плоштадот и нагрдената околина.
Фотографија: Ивана Кузмановска