Јилдирим до САД: Нека дојдат во Турција да видат што се транспарентни избори

176

Турскиот премиер Бинали Јилдирим денеска им порача на САД да се занимаваат со своите внатрешни проблеми, а не да изразуваат сомнежи околу начинот на кој ќе се спроведат претстојните предвремени претседателски и парламентарни избори во Турција.

– Прво, САД нека се справат со своите внатрешни работи. Досега, тие не ги завршија споровите за измамите на нивните сопствени избори. А ако сакаат да видат како се спроведува гласање, нека дојдат во Турција и да видат колку е тоа транспарентно кај нас – рече Јилдирим.

Ваквата изјава на Јилдиерим претставува реакција на оценката на портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт, која претходно изрази сомнежи дека Анкара може да спроведе фер избори во услови на вонредна состојба.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во средата соопшти дека следните претседателски и парламентарни избори во Турција ќе се одржат на 24 јуни, наместо претходно предвидениот датум 3 ноември 2019 година.

Истиот ден, турскиот Парламент донесе одлука за продолжување на вонредната состојба во земјата за уште три месеци, која беше воведена по обидот за пуч во јули 2016 година.

Турската опозиција е незадоволна од фактот што изборите ќе бидат организирани во услови на вонредна состојба и бара нејзино укинување.

Фото: EPA/HEDAYATULLAH AMID

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...