Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев денеска се приклучи на кампањата МојДДВ и ја поддржа мерката за враќање на 15 % од пресметаниот ДДВ кај граѓаните.
Јанчев најави дека паричните средства коишто му следуваат како поврат од МојДДВ ќе ги донира во хуманитарни цели.
Во првиот квартал од МојДДВ регистрирани се 22 670 713 скенирани фискални сметки, промет во висина од 11 423 978 620 денари, вкупен ДДВ од 1 241 434 628 денари и поврат на 15 % од пресметаниот ДДВ во износ од 186,215,194 денари.
Паричните средства на граѓаните коишто ги оствариле преку користење на мерката МојДДВ ќе им бидат исплатени до крајот на декември 2019 година.
Досегашната реализација покажува дека мерката МојДДВ ги дава резултатите за целите за коишто е наменета.
Во делот на наплатата на ДДВ забележан е раст и тоа во јули 2019 година за 10,3 отсто повисока наплата во однос на истиот месец во 2018 година, во август 2019 наплатата е за 27,3 отсто поголема од наплатата во август минатата година, а во септември 2019 процентот на наплата под основ на ДДВ е повисок за 36,7 % за разлика од лани истиот месец.
МојДДВ и натаму ја продолжува информативната кампања преку којашто граѓаните подетално ќе се информираат за законските одредби на мерката и за процесот на реализација, како и за придобивките од МојДДВ за граѓаните и за државата.