Јанез Копач ги бранеше министрите за доцнењето на подзаконските акти за енергетика

Претседателот на Комисијата за економски прашања Горан Милевски упати критики за отсуството од седницата на надлежните министри за енергетската проблематика. Најави надзорна расправа на која ќе бидат повикани вицепремиерот за екомски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на МЕПСО и ЕЛЕМ за да одговарат за потфрлањата на кои укажа Копач.

148

Македонија бележи напредок во енергетските реформи и транспонирањето на законодавството на Енергетската заедница по донесувањето на Законот за енергетика минатата година, доцни со подготовката на дел од подзаконските акти со кои ќе се овозможи негова целосна примена, но оптимист сум дека тоа ќе се случи во наредните недели и месеци.

Ова го оцени директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач денеска на состанок со собраниската Комисија за економски прашања, пред чии членови изрази надеж дека со решавањето на прашањето за името сите напори ќе бидат фокусирани кон соодветни економски реформи.

– Сериозно сум оптимист за иднината на оваа држава – рече Копач.

Согласно со обврските од Законот за енергетика при крај е изборот на универзален снабдувач со електрична енергија, како важна мерка за либерализација на пазарот и заштита на потрошувачите, Копач се надева дека постапката ќе се финализира до крај на месецов како што најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Балансирањето на пазарот на електрична енергија за жал се уште не е регулирано, во законот се предвидени правила до 1 јануари годинава, но тоа не се случи. Регулаторната комиисја за енергетика се уште е во процес на консултации, но битно е овој процес да се финализира до првата половина на годинава – наведе Копач.

Тој укажа дека останува отворено прашањето за примената на Директивата за нафтени резерви, што постојано се одложува.

– Нивото на нафтените резерви во Македонија кое беше највисоко во целата Енергетска заедница се намали, а причината се нерешените односи помеѓу сопствениците на нафтени резерви, ОКТА, Макпетрол и државата, и по четири години од усвојувањето на Законот. Но, добивме уверување од Владата дека во следните месеци овој спор ќе биде решен, а тоа мора да биде направено со усвојување на подзаконски акти кои ќе наметнат цена на надоместот за сопствениците кои ги чуваат нафтените резерви – истакна Копач.

Во делот на обновиливите извори на енергија, како што информираше, Македонија со 18 до 19 проценти во финалната потрошувачка нема да ја постигне поставената цел од 23 проценти. Поради тоа мора да напредува побрзо во нови капацитети за производство на обновлива енергија, а недостасува и користење на биогорива во транспортот.

-Македонија има наменето 42 милиони евра годишно за поддршка на обновливи извори на енергија, што е највисок износ во регионот, но најважна работа е да се воведат опции, кои се веќе во закон, а подзаконските акти треба да бидат усвоени во следните недели. Тоа требаше да се направи многу порано, посочи Копач.

Според него, Македонија не ја третирала соодветно енергетска ефикасност, а добра вест е нацрт законот за таа област со опфат на трите најнови европски директиви, што треба да биде објавен за 10 дена по што ќе има јавна консултација.

– Овој закон ќе и овозможи на Македонија целосно да ја транспонира правната рамка за енергетската ефикансот на ЕУ -наведе Копач укажувајќи дека за тоа нема соодветна екипираност во надлежните оддели во Министерството за економија и Агенцијата за енергетска ефикасност.

– Новиот акциски план за енергетска ефикасност кој треба да ја следи постоечката регулатива треба да биде изработен до 30 април годинава, активностите се во тек, но не сум сигурен дека ќе усеете да завршите навреме – дополни Копач.

Како што укажа, во делот на животната средина транспонирањето на законите е направено на добар начин, но проблематична е примената на Националниот план за намалување на емисиите на штетни гасови.

– Македонија усвои национален акциски план со објаснување за капацитетите за производство на струја во Битола и Осломеј, но има недостаток на инвестиции на овој план и не сме убедени дека планот ќе биде следен стриктно – рече Копач, потенцирајќи дека голем проблем останува и загадувањето на воздухот.

Во ЕУ лани се зголеми цената на струјата поради зголемените цени за субвенции за емитување ЦO2, како поттик да се истиснат електраните на јаглен и според Копач, треба да се размисли за наметнување данок за таквите емисии. Во ЕУ секој кој поседува електрана на јаглен треба да купи право да емитува ЦО2, согласно со Директивата за шема за емисии на енергии, а цената по тон сега изнесува 22 евра.

– Тоа не е задолжително според Договорот на ЕЗ, но ќе биде кога ќе станете членка на ЕУ и не може да се избегне. Доколку сега Македонија има таква обврска и ако плаќа 20 евра за произведен тон во капацитетот во Битола, кој е со годишно произвдоство од 3,1 милони тони, тогаш цената на струјата за домаќинствата би требало да се зголеми за 12 проценти – појасни Копач.

По неговото излагање претседателот на Комисијата за економски прашања и пратеник од ЛДП Горан Милевски упати критики за отсуството од седницата на надлежните министри за енергетската проблематика. Најави дека поради доцнењето со дел од обврските од новиот Закон за енергетика ќе организира надзорна расправа на која ќе бидат повикани вицепремиерот за екомски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на МЕПСО и ЕЛЕМ за да одговарат за потфрлањата на кои укажа Копач.

– Како Парламент можеме да имаме надзорна работа врз работата на Владата, бидејќи ако е договорено некоја задача да биде завршена до 1 јануари, а денес е 13 февруари, треба да има причина за тоа. Ако директорот на МЕПСО има пари да купува фотелји од кожа од бизон ќе најде пари и за имплементација на балансирањето на пазарот – рече Милевси.

Пратеникот од СДСМ Хари Локвенац го поздрави, како што рече, констатираниот напредок во Извештајот на Енергетската заедница во делот на обновливите извори на енергија, регулацијата на пазарот, проблемите со чувањето на горивата и транспортот.

– Првпат зборуваме за одреден напредок, го усвоивме новиот Закон за енергетика, подзаконските акти кои се подготвуваат и се пред реализација и се од највисока важност и преку нив не смееме да направиме грешка – рече Локвенац.

Неговиот колега од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Цуклев, пак, наведе дека констатираниот напредок се должи, пред се, на носењето на новиот Закон за енергетика, но оти се доцни многу со носењето на подзаконските акти кои ја овозможуваат примената. Тој упати забелешки за неисполнетите обврски за нафтените резереви, спорот помеѓу државата и компаниите кои стопанисувааат со тие резерви и тоа што Владата не го утврдила надоместот за чување на нафтените резерви.

– Одредена количина на нафтени резерви петта година се чува во резервоари со кои не стопанисува никој, тие резереви воопшто не се обновени, а познавачите на приликите кажуваат дека ако не се обновуваат барем двапати годишно губат од својот квалитет – рече Цуклев, посочувајќи дека користењето на тие горива без соодветен третман ќе биде штетно и за транспортот и за воздухот.

По критиките од пратениците Копач наведе дека сепак би морал да биде потолерантен кон Владата затоа што Македонија лани го усвои новиот Закон и тој не може да се имплементира „преку ноќ“.

– Многу законски акти се усвоија и многу делови од законите се имплементирани. Навистина неколку работи од законот недостасуваат и оптимист сум дека тоа ќе се заврши во следните недели и месеци – рече Копач.

Како што појанси, за новините и обврските во енергетскиот сектор се потребни и промени на Законот за ДДВ од страна на Министерството за финансии, со што ќе се овозможат трансакции без двојно оданочување во случај кога има пазарно удвојување.

– Бугарија треба да ја тргне таксата за извоз на електрична енергија, а со оглед дека потпиша договор со Македонија за спојување на енергетските пазари тоа ќе има многу корисен ефект за цените во Македонија затоа што цените во Бугарија се пониски. Ова е позитивен развој на настаните, но прво Бугарија треба да го отстрани извозниот трошок. Тоа не зависи од вас, Европската комисија ги притиска тоа да го направат побрзо – појасни Копач.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...