Раководителите на шест национални медиумски јавни сервиси од Западен Балкан (РТСХ, БХРТ, РТК, МРТ, РТЦГ, РТС) денеска во Тирана потпишаа Меморандум за разбирање, кој отвора пат за нивна соработка на проект поддржан од ЕУ вреден 1,5 милиони евра.
– Проектот за техничка помош на медиумските јавни сервиси на Западен Балкан ќе се одвива во наредните две години со цел олеснување на трансформацијата на јавните сервиси од државни медиуми во вистински служби за граѓаните, што претставува еден од приоритетите на ЕУ за Западен Балкан, е заклучокот на дводневната конференција, која завршува денеска во Тирана.
Како што беше претставено на конференцијата, Проектот ќе работи на постигнување три основни цели. Се работи за промоција на европските стандарди и најдобрите пракси ширум Западниот Балкан, како заедничка референтна рамка за независни и професионални медиуми, како во поглед на финансирањето, така и избор и функционирање на органите на управата на јавните медиумски сервиси.
– Конференцијата собра околу 60 учесници, меѓу кои се и претставници на меѓународни организации, директори и високи претставници на јавните сервиси, носители на политички одлуки, претставници на невладини организации и радиодифузни регулаторни тела од Албанија, БиХ, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, соопшти делегацијата на ЕУ во БиХ.
Проектот се спроведува од страна на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) заедно со Европската радиодифузна унија (ЕБУ), Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Австрискиот јавен емитер (ОРФ), Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) и Канцеларијата на европската размена на вести за Југоисточна Европа (ЕРНО).