Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ денеска изјави дека со одлуката за проширување на 100 проценти такси за странските компании, кои имаат производствени погони во Србија, Приштина прогласи војна на големите светски брендови.
Ѓуриќ додаде дека таквата одлука покажува дека Косовците Албанците не се искрени кога иизјавуваат дека сакаат нормализација на односите и постигнување на договор со Србија, туку дека сакаат токму она на што предупреди српскиот претседател Александар Вучиќ – дополнителна ескалација.
– Приштина тоне се подлабоко и подлабоко во жив песок на сопствените луди одлуки и сето ова да не е жално, би било речиси смешно – изјави Ѓуриќ, реагирајќи на одлуката на косовските институции.
Тој истакна дека меѓународната заедница навреме не реагирала на чекорите на Приштина и дека долеавала масло на огнот и создала политички предуслови за војна со светските компании.
– Ние сме за слободна трговија, нормални односи и еднакви можности за сите. Ова што го прават е чисто лудило – рече Ѓуриќ.
Запрашан за тврдењата на приштинските медиуми дека претставниците на косовските институции на состанокот со амбасадорите на петте највлијателни земји изнеле мислење дека Србија треба да ја прекине кампањата со која од земјите се бара повлекување на признавањето на независноста на Косово, Ѓуриќ наведе дека токму Приштина, од потпишувањето на Бриселскиот договор со поткуп и со различни нечесни методи навела 19 земји да ја признаат еднострано прогласената независност на Косово.
Косовските власти денеска одлучија мерката за зголемување на таксите за 100 проценти, од 1 јануари да биде проширена и за странските компании што имаат погони во Србија.
Ова практично значи дека на Косово, без да се платат зголемените даноци, ниту една стока од Србија нема да може да влезе, без оглед на земјата на нејзиното потекло.